„360 степени“: Трајно „исчистени“ неколку компјутери во СЈО, другите засега „спасени“

by fokus

Специјалното јавно обвинителство призна дека веќе се избришани неколку компјутери во оваа институција и дека процесот е запрен „за да се оттргнат сомнежите за какви било други мотиви“. Ова е содржано во писмениот одговор што „360 Степени“ го добиле денеска.

„Во насока на зголемување на информатичката безбедност на целокупните електронски податоци со кои располага ова ЈО, имајќи предвид дека привршува процесот на преслушување на разговорите од незаконското следење на комуникациите, беа преземени активности со кои сите податоци од значење за работењето на ова ЈО и разумната потреба за архивирање, беа бекапирани и обезбедени. Воедно беше извршено форматирање на неколку компјутери на стручната служба со цел безбедносно отстранување на евентуално зачувани разговори на нивните компјутери. Ваквиот процес беше запрен за да се оттргнат сомненијата за било какви други мотиви на делување. Ве уверуваме дека стануваше збор за активности од безбедносен карактер кои беа планирани од претходно и за кои беа известени и вработените во СЈО. Сакаме да појасниме дека и во минатото се случувало да бидат преземени вакви мерки поради организациони причини“, одговараат од СЈО

„360 Степени“ објавува и порака од ИТ-одделот во СЈО, испратена до вработените на 8 јули 2019 г., во која пишува:

„Колеги ПОЧНЕТЕ со средување на податоците кои ги поседувате на вашите компјутери и усб-а. Организирајте ги податоците по предметно работење. Комплетно избришете се што НЕ е поврзано со работењето во СЈО. Доколку имате приватни податоци, зачувајте ги на приватни усб-а. Кога ќе заврши процесот ќе бидете повикани да се изврши форматирање на секој компјутер и усб. Процесот ќе се одвива етапно“, се вели во пораката до која дојде „360 Степени.“

Како што пишува порталот оваа порака е пратена една недела пред ОЈО за гонење организиран криминал и корупција да отвори истрага за случајот „Рекет“. Според изворите на „360 Степени“, речиси ништо не се случува на овој план додека Јанева е отсутна поради боледување, а работите повторно се раздвижуваат по нејзиното враќање во СЈО минатиот вторник (23 јули).

Поврзани новости