Изградбата на панорамското тркало е стопирана, но конструкцијата и понатаму го попречува течението на реката Вардар. Град Скопје и наредил на градежната фирма „Бетон“, која го гради објектот, да го исчисти градежниот шут.
Како што изјави денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, ова е дел од акцијата за расчистување на ѓубрето од коритото на реката Вардар.
-Градежниот шут ја намали проточноста на водата. Јавното претпријатие „Улици и патишта“ во следните денови ќе работат на расчистување на теренот, а на фирмата „Бетон“ и е издадена наредба да го среди своето градилиште. Поради дождовите имаме опасност од излевање, предизвикано од лудилото на „Скопје 2014“. Безбедноста на граѓаните нема цена. Град Скопје ќе направи се за да ги заштити од поплави – изјави Шилегов.
Во врска со галиите, каде се собира ѓубрето кое со себе го носи надојдената река, Шилегов изјави дека во тек е постапка за нивна дислокација, но дека се уште не е донесена финална одлука.