Министерството за внатрешни работи демантира дека со службеното возило марка „ренџ ровер“, кое беше затекнато во Грција, управуала ќерка на директорот на Бирото за јавна безбедност. Од таму велат дека со џипот управувал полициски службеник вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти, а за заминувањето во Грција имал службен налог.
„Одделот за внатрешна контрола и професинални стандарди веднаш доби наредба да изврши проверки и да достави извештај. По извршените проверки, констатирано е дека на ден 2 август 2018 година, возилото „Ренџ Ровер Дискавери Спорт“ со регистарски таблички СК-9559-АЛ е управувано од полициски службеник вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти кој возилото го управувал со соодветен службен налог. Возилото во 13 часот и 35 минути го преминало граничниот премин Богородица и патувало на територија на Република Грција. Возилото е вратено во Република Македонија истиот ден, 2 август 2018 година. Не е точно дека возилото го управувало неовластено лице, ниту пак дека било управувано од член на семејството на директорот на Биротото за јавна безбедност. Ве известуваме дека ќе бидат направени и дополнителни проверки и по утврдување на сите факти, доколку се утврдат неправилности, ќе бидат преземени соодветни мерки“, соопштија вечерва од МВР.