Костадинов со фотографија од Груевски пред пратениците од ВМРО-ДПМНЕ: Овој човек се уште ви ги дава насоките

by fokus

Со тазе фотографија од осудениот екс премиер, Никола Груевски, од неговото приведување во унгарскиот суд на сослушување за екстрадиција, на говорница во Собранието денеска излезе пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов. Покажувајќи ја фотографијата каде Груевски е со безбол капче и очила за сонце пред судот во Унгарија, Костадинов им порача на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се оградат од него.

-Полна ви е устата со злоба. Опозицијата треба да биде критичар, но треба да понуди и решение. Ниту сум слушнал ниту видел понуда, така не се доаѓа на власт. Се дури не се оградите од овој човек со лисици, капче и ночари во суд во Будимпешта, се дур не се оградите од овој човек кој уште ви ги дава насоките како да псотапувате, како да дејствувате, преку неговата уста и очи кој се вика Христијан Мицкоски, нема да дојдете на власт. Граѓаните не сакаат да гледаат пак такво ВМРО-ДПМНЕ кое ќе биде и главен уредник на вести, и полицаец во МВР, кое ќе биде и прв судија, ќе монтира судски процеси. Граѓаните нема да го дозволат тоа – рече Костадинов.

На тоа реплицираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој рече дека СДСМ изгубиле многу гласови на последните претседателски избори.

-Кои ви се тие Кики, Баки, Мики и слични ликови. Одете си од власт и спасете ја Македонија – рече Мицевски.

Собранискиот спикер, Талат Џафери, им се обрати на пратениците и им рече да се фокусираат на она што е предмет на дискусија. Собранието расправа за изборот на нови министри кои се предлог на Владата во рамки на владината реконструкција.

Поврзани новости