Доколку му се одземе пратеничкиот мандат на Никола Груевски тоа значи дека тој не е пратеник и веќе не може да ги ужива пратеничките права. Доколку, пак, не му се одземе пратеничкиот мандат со тоа Груевски нема да избега одговорност за кривичните дела за кои ќе биде осуден. Според тоа, дали ќе оди на издржување казна затвор сега или по некој месец тоа битно не ја менува работата, изјави за МИА поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски.
– Одземањето на мандатот на пратеникот Никола Груевски може да се случи само на седница на Собрание при што за тоа е потребно двотретинско мнозинство од пратениците. Доколку се обезбеди такво мнозинство, што засега изгледа како да нема таква можност, и се одземе мандатот тоа веќе значи дека претеникот не е пратеник и не може да ги ужива пратеничките права. Доколку, пак, не му се одземе мандатот, тоа не значи дека Груевски нема други обвиненија и истраги. Тоа значи дека следуваат и натаму пресуди за нови кривични дела каде сигурно нема да му избега одговорноста за кривичните дела за кои ќе биде осуден. Според тоа, дали ќе оди на издржување казна затвор сега или ќе оди по некој месец мислам дека битно многу не ја менува работата, вели Ивановски.
Според него, бранителите на Груевски во конкретниот случај бараат одлагање на изржување на казната затвор и наведуваат соодветни аргументи што не се вистински аргументи кои би влијаеле на самата одлука.
– Јас очекував дека бранителите во основа ќе го поставеа прашањето за примената на член 65 од Уставот, а тоа е престанок, односно одземање на мандатот на пратеникот. Тие не го поставија тоа прашање, туку ги поставија двата елементи – услови, а тоа беше да ја заврши книгата односно да заврши труд кој го пишувал што не е услов за да се бара одлагање за издржување на казната, а вториот беше дека треба да ги доврши задачите што ги има како пратеник, истакнува Ивановски.
Ако се имаат предвид, како што рече Ивановски, извештаите за редовноста на пратеникот Груевски во работата на Собранието може да се констатира дека тој бил присутен само на една или две седници од свикувањето на Собраниетo, што, како што вели, „значи дека не му е толку јака страната оти ќе страда Парламентот заради неговата неактивност“.
Ивановски потсети дека тој како судија на Уставен суд кога се водеше постапка за лустрација против него беше разрешен од страна на Собранието спротивно на сите одредби од Уставот, според кои не смееше да му се одземе мандат.
-Меѓутоа по диригенство на номенклатурате на Груевски и тогашниот спикер на Собранието Трајко Вељаноски на денот на распишувањето на изборите во 2010 година мене ми беше одземен мандатот, односно ми престана функцијата на судија на Уставен суд спротивно на Уставот. Според тоа, никаква одговорност немаше за кршителите на Уставот, вели Ивановски.
По таа логика, како што посочува тој, дури и кога пратеникот кој чека на издржување на казната затвор да биде затворен, не смета дека со тоа ќе се прекрши Уставот. А ако се прекрши, како што додава, не смета зошто би се постапило поинаку отколку во неговиот случај.
– Мислам дека лицето за кое ме прашувате дали ќе оди на издржување на казната затвор, што побрзо треба да прифати да оди на издржување на казната, бидејќи повраток од таа ситуација нема. Одговорноста мора да биде присутна. Бегање од одговорноста не користи никому, па во крајна линија нема да му користи и на Груевски, вели Ивановски.
Во членот 65 од Уставот е предвидено на пратеникот да му престане мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според членот 59 од Деловникот на Собранието на РМ, за пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната. Претседателот известувањето веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
– За пратеникот кој неоправдано отсуствувал од седниците на Собранието повеќе од шест месеца, претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, предвидува овој член.
Со овој член од собраниескиот Деловник е предвидено Предлог за одземање на мандатот на пратеник да поднесе Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието. По предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница, а претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот.
За барањето од судот за одземање на мандатот на Груевски заради извдржување на двегодишната затворкса казна за предметот „Тенк“, утре ќе расправа собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Груевски најдоцна до 8 овој месец треба да се јави на издржување на затворската казна. Во петокот, Кривичниот суд соопшти дека судија за извршување санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на казната.
Груевски беше прогласен за виновен и осуден на двегодишна затворска казна на 23 мај. Тој заедно со првообвинетиот Ѓоко Поповски поднесоа жалба до Апелацискиот суд кој ја одби како неоснована жалбата на Груевски, а делумно ја прифати жалбата на Поповски и му ја намали казната затвор на четири години и шест месеци. Во предметот „Тенк“ осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор.