Пратеникот на ДУИ и претседавач на собраниската група за реформи, Реџаил Исмаили, потврди дека пратениците бараат бенифициран статус и по завршување на пратеничкиот мандат. Тој изјави дека има таков предлог, но дека се уште се разгледува.
-Има предлог од пратеници, има предлог, додека не се хармонизира со Владата, не можам ништо да ви кажам. Знате дека сме за тоа повеќе да не се даваат пари на тие што седат дома и знаете дека таков закон во минатото не помина – рече тој.
Остри реакции во јавноста предизвика информацијата дека се разгледува креирање на закон кој ќе им овозможи на пратениците да добијат место во администрацијата откако ќе им заврши пратеничкиот мандат. Според иницијаторите, ова законско решение треба да им го подобри статусот на народните избраници по истекот на нивниот мандат.
Наводно зад предлогот стојат пратениците од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, а истиот е поддржан од СДСМ и ДУИ.
Инаку, во 2005-тата, беше изгласан Закон кој овозможуваше пратениците да се пензионираат со 25 години стаж и 55 години возраст, апратеничките, со 25 години стаж и 53 годишна возраст. Законот требаше да важи за сите поранешни народни избраници почнувајќи од првиот парламентарен состав. Но, поради елементите нееднаквост и ретроактивност, шест месеци подоцна, Уставниот суд ги укина спорните членови.