Поранешниот амбасадор на ЕУ, Ерван Фуере, во интервју за МКД.мк. го критикува начинот на кој беше усвоен Законот за употреба на јазиците.
-Не можам да коментирам за содржината на самиот закон, важни се сите мерки за заштита на сите јазици во Македонија, не само македонскиот, туку албанскиот, српскиот и други. Но мислам дека начинот на кој беше усвоен е многу лош. Мислам дека негативно се рефлектира на ДУИ, на начинот на кој го протуркаа без доволни напори да обезбедат консензус или барем прво да добијат потврда, одобрување од Венециската комисија, како тело што има експертиза и знаење да каже дали законот е во согласност со Уставот, особено во мултиетничко општество. Тие не го сторија тоа – вели Фуере и додава дека на овој начин опозицијата ќе имаше помалку аргументи против.
Тој додава дека можеби ДУИ како партија има придобивки од усвојувањето на Законот, но за жал оваа придобивка се анулира со недостатоците и негативниот импакт во интерес на земјата како целина.
-Исто така, мислам дека може негативно да се рефлектира на процената на Европската комисија за напредокот на земјата за промовирање на демократските стандарди, парламентарните постапки и слично. Требаше да има поголем фокус на дијалогот. Јасно е дека 35.000-те амандмани од опозицијата имаа за цел блокада, тие не беа конструктивни, но со туркање на законот на начинот на којшто беше направено ѝ се даваат повеќе аргументи на опозицијата. Ќе беше подобро владата и ДУИ пред второто гласање да дозволеа и да се согласеа законот да се испрати до Венециската комисија и да чекаа. ДУИ вели дека чекале сто години, но што ќе смени чекањето уште неколку месеци? Требаше да се обезбеди крајниот производ да е во интерес на сите луѓе во Македонија. За жал, штетата е направена – изјави поранешниот амбасадор.
По однос на преговорите меѓу Македонија и Грција, Фуере смета дека грчката страна нема основ цело време да зборува за иредентистички тенденции.
-Мислам дека тоа е опсесија што Грците мора да ја остават настрана. Сакам да се надевам дека на некое ниво на преговорите, ЕУ ќе ѝ стави јасно до знаење на Грција, ќе ѝ предочи дека има граница блокирањето на Македонија и дека треба да е обврзана тоа да го прифати. Преговарачите секогаш одат со високи барања и треба да се надеваме дека Грција постепено ќе ги редуцира овие инсистирања и дека ќе има поголем компромис. Не знам што очекуваат со име само на македонски, непреведено, бидејќи што значи тоа, дека секој во светот треба да учи македонски за да го изговори името, зашто сега луѓето користат Македонија на англиски и така ѝ се обраќаат на земјата – вели Фуере.