Иницијативата за собирање потписи за дополнителен референдум во врска со името чиј овластен поднесувач е лидерот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров денеска помина и во собраниската Законодавно-правна комисија.
Како уредна иницијативата ја оценија седум пратеници, ниту еден не беше „против“, а еден не гласаше.
Претходно, иницијативата како уредна ја оцени и матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
-Граѓанската иницијатива за собирање на потписи од најмалку 150 илјади избирачи за распишување дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија, на 179 граѓани, доставена преку овластениот предлагач Тодор Петров е уредна, бидејќи е во согласност со членовите 66 и 70 од Законот за референдум, гласаше одлуката на Законодавно-правната комисија која ја прочита пратеничката Соња Мираковска од НСДП.
Таа претходно изнесе неколку забелешки во однос на начинот на кој е доставено барањето, меѓу кои и напомената дека со ова барање се прејудицира настан. Таа појасни дека на 9 јануари се поднесува барањето за дополнителен референдум за одлука која во Собранието е донесена на 11 јануари. Сепак, напомена дека барањето формално ги исполнува условите, односно најмалку 100 граѓани поднесуваат барање за собирање потписи за распишување референдум на ниво на целата територија на државата.
„Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија?“ е прашањето кое, како што појасни Петров на седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, би било поставено на референдумот што би се одржал доколку се соберат потребните 150 илјади потписи.
Откако граѓанската иницијатива доби мислење за уредност од двете комисии, тие треба да поднесат извештај до претседателот на Собранието Талат Џафери, а тој потоа би требало преку премиерот да ја достави до ДИК.
Петров, како што претходно посочи, доколку се тече според процедурите, потписите би требало да се собираат од 15 февруари до 15 мај.