Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски, е решен да ги врати парите од надоместоците за членовите и вработените во ДИК. На брифинг со новинарите пред почетокот на денешната седница, Чичаковски рече дека доколку нема опција да отповикување на одлуката за исплата на бонуси, во тој случај ќе ги донира земените надоместоци.
На денешната седница во ДИК како втора точка на дневен ред ќе се разгледува предлог-одлука за отповикување на донесените одлуки за определување на надоместок за членовите на Државна изборна комисија и вработените во стручната служба за спроведените избори.
Претходно, амбасадорот на САД, Џес Бејли истакна дека за време на локалните избори, членовите на ДИК земале плус четири плати, одлука што ја изгласале едногласно на затворени седници. Подоцна се разоткри дека членовите на ДИК донеле одлука да си исплатат бонуси во вредност од вкупно 12 плати: четири за локалните избори во октомври годинава, пет за предвремените парламентарни избори во декември лани, како и три за изборите кои беа закажани во април 2016, а потоа беа одложени.