Зголемување на платите за неверојатни 78 отсто ќе добијат функционерите со новата одлука на Уставниот суд со која се укинуваат два члена на Законот за плата и надоместоци на функционерите. Со оваа одлука се отвора можноста уставните судии, премиерот, претседателот, собранискиот спикер, но и сите вршители на јавни функции да зимаат речиси двојно повисока плата, посочуваат од Синдикатот на управа, правосудни органи и здруженија на граѓани УПОЗ.
Според груба пресметка на УПОЗ, со оваа одлука на Уставен платата на претседателот ќе скокне од 93.000 денари, на 165.000 денари. Платите на премиерот, Димитар Ковачевски, и на претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе се зголемат на околу 2.500 евра. Платата на министрите, пак, ќе изнесува околу 1.800 евра.
Од УПОЗ појаснуваат дека со одлуката на Уставниот суд се укинува основицата од 26.000 денари за пресметување на платите на функционерите. Од сега основицата ќе изнесува колку просечна бруто плата, и таа сума ќе се множи со коефициентот.
„Просечната бруто плата за 2022 година е 47.700 денари. Кога ќе се помножи со коефицентот од член 12 од истиот закон, а почнуваат од 2.20 до 4.50, значи пресметано во денари или во евра, пратседателот, собранискиот спикер и премиерот ќе имаат плата од 2500 евра, министрите околу 1800 евра, другите фукнционери и судиите околу 1600 евра“, порачаа од УПОЗ.
78% повисока плата ќе добијат и сите заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции. Меѓу оние кои ќе добијат повисока плата се и сите судии меѓу кои и тие од Уставниот суд кои практично со укинување на 2 члена од Законот за плати на функционерите го овозможија општото покачување.
Иницијативата е поднесена од адвокат од Скопје, а Уставен суд одлучил по иницијативата за само четири месеци, што е брзо ако се спореди ова со други иницијативи пред Уставен кои чекаат на одлука со години.