Триесетина автобуски и камионски стари гуми се запалени утринава на нива на излезот од Гостивар, поради што се крева густ црн чад. Читатели на „Фокус“ испратија фотографии од пожарот кој се гледа од далеку. Граѓаните реагираат затоа што чадот од запалени гуми е високо токсичен и ја загадува животната средина.
Од СВР Тетово информираат дека случајот е пријавен во полиција.
„На посоченото место се испратени служби од полициската станица во Гостивар. Местото се обезбедува, додека во тек е гаснење на пожарот. Пожарникари се обидуваат да го локализираат, по што ќе следи увид од екипа на полициската станица во Гостивар – велат од СВР Тетово.
Од таму додаваат дека се повикани и пристигнати и инспекциски служби од Општина Гостивар кои работат во секторот за заштита на животна средина, бидејќи палењето на гуми е забрането.
-Ние пред некое време се огласивме со соопштение до јавноста во кое укажавме на штетните последици од аерозагадување и им објаснивме на граѓаните како да ги пријавуваат овие случаи – додаваат од СВР Тетово.