Богоев потврди дека склучил меморандум со Боки 13, но негира вмешаност во незаконски активности

by fokus

Општина Карпош и градоначалникот Стефан Богоев не се вклучени во никакви незаконски активности во врска со случајот „Рекет“, посочуваат од Општината од каде испратија соопштение до јавноста во кое ги демантираат сите шпекулации кои го поврзуваат Богоев со случајот „Рекет“.

Од таму потврдуваат дека со осомничениот Бојан Јовановски е склучен меморанду, кој се однесува на поддршка за социо-економски активности.

„Во Општина Карпош не е отворен ниту еден предмет, а не е издадено ни одобрение за градење, ниту било каков друг правен акт во врска со споменатиот случај.
Локалната самоуправа има склучено меморандуми со голем број на невладини организации. Меморандумот кој е склучен со Меѓународен сојуз единствено се однесува на давање поддршка за реализација на различни социо – економски активности и третирања на локални прашања. Тој по својата содржина е општ, без никакви финансиски последици за Општината или конкретни други обврски. Врз основа на овој Меморандум, не е реализиран ниту еден проект или некоја активност со Меѓународниот сојуз“, велат од Општината.

Што се однесува до финансирањето на изборната кампања на градоначалникот Стефан Богоев, додаваат од таму, веќе е посочено дека сите плаќања се извршени преку наменската сметка за локални избори 2017, на партијата СДСМ и Коалицијата која го поддржа Богоев.

„Во ниту една програма на Општина Карпош, ниту во изборната програма на градоначалникот Стефан Богоев, не постои проект „Карпош на вода“. Во оваа насока, не е донесен или изменет ниту еден ДУП, што е достапно и видливо и на нашата веб страница. Во интерес на отчетноста пред граѓаните, ги повикуваме сите заинтересирани страни, вклучително и пратеникот Антонио Милошоски да дојдат во Општината и да се уверат во сите посочени факти“, порачуваат од таму.

Поврзани новости