Општина Центар за сега нема да носи одлуки за иднината на спорната тереса која е дел од партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи под истрага на Специјалното јавно обвинителство е финансирањето на овој објект. Како што вели градоначалникот, Саша Богдановиќ, седиштето е предмет на истрага и може да послужи во постапката, поради што е ограничено неговото постапување во овој дел.
На Богдановиќ во наследство му остана нерешениот проблем со партиската тераса. Неговиот претходник, Андреј Жерновски, тврдеше дека терасата е незаконски изградена, односно без дозвола за градба. Жерновски најавуваше дека дивоградбата ќе биде срушена, но тоа не се случи во неговиот мандат.
Така наречената Бела палата на ВМРО-ДПМНЕ е дел од истрагата „Талир“ на СЈО, за која не беше покренато обвинение во предвидениот рок. Од СЈО изјавија дека истрагата продолжува. Со неа се опфатени кривични дела кои им се ставаат на товар на функционери од ВМРО-ДПМНЕ, а кои се однесуваат на финансиите на партијата. Изградбата на партиското седиште во договор со градежната фирма „Бетон“ е една од работите кои се истражуваат.
Богдановиќ вели дека доколку Општината интервернира сега, тоа може да и наштети на истрагата која ја води СЈО. Сличен беше случајот со луксузниот мерцедес, кој Владата одлучи да не го продава се додека трае судската постапка за „Тенк“.
М.В.