Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги повикува сведоците на инцидентот кај ТЦ Мавровка во кој полицајка вербално била нападната додека ги извршувала своите работни задачи на крстосницата на булевар „Гоце Делчев“ и улицата „Филип Втори“ во Скопје, како и сите кои имаат снимки да ги достават до МВР за да можат да ги процесуираат до Јавното обвинителство.
– Снимките кои ги има од камерите кои се на Град Скопје веќе се обработуваат и ќе бидат доставени, а доколку има било кави други снимки да се достават до МВР за да се документира случајот и да се расчисти до крај. Одговорно тврдам дека тоа што беше вчера соопштено е документирано и е предадено во ЈО и МВР стои на располагање да го расветлиме случајот ако имаме било какви нови материјали и докази кои ќе кажат дека нешто поинаку се случило. Тоа ќе биде добро и за постапувањето на полицајците во иднина, рече Спасовски во одговор на прашање по промоцијата на нови кандидати за полициски службеници во Центарот за обука во Идризово.
Тој осуди каков било акт на насилство врз граѓани или врз полицајците кои си ја остваруваат службената дејност и упати апел до граѓаните да ги почитуваат полицајците, а полицајците да имаат неселективен пристап кон секого.
Веднаш по случувањето на настанот, како што рече, се земени службени белешки од полицаецот кој постапувал и од неговите колеги кои биле на местото на настанот и тој материјал, нагласи, е предаден на ОЈО, а воедно е поднесена и прекршочна пријава за омаловажување на полицаец.
– Како одговорен човек чувствував обврска да ја повикам колешката и да разговарам со неа. Не ме интересират никакви функционери од било која политичка партија или носители на државни функции, туку ме интересираат полицијаците, Уставот и граѓаните. Полицајците ќе имаат моја целосна поддршка во секој момент да постапуваат согласно законските овластувања. Постапувањето на колешката треба да биде пример за секој полицаец и за секој што сака да ги почитува законите во државава жестоко да се спротивставиме на непринципиелното и незаконското однесување. Секој граѓанин мора да ги почитува правилата и да има ред и поредок, рече Спасовски.
Тој нагласи дека во минатото многу случаи се затскриваа и затоа, како што рече, ја разбира сензитивноста на јавноста. Додаде дека ова раководство на МВР не сака да ги крие настаните и преку Внатрешна контрола да сугерира како да се постапува за одредени сегменти, ниту, пак, да се селектира како ќе се постапува врз одредени поедници без разлика дали се припадници на политички партии, религиозни групи и на една или друга националност.
Извор: МИА