Секретаријатот на Енергетската заедница денеска ги повлече поднесените барања за спорови против Република Македонија, соопшти Кабинетот на заменик-премиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
– По серија јавни расправи во кои беа вклучени сите засегнати страни, во транспарентна постапка, Собранието на 21-ви мај 2018 година го донесе новиот Закон за енергетика, во кој се транспонирани ЕУ директивите и регулативите на Третиот енергетски пакет. Со новиот закон се враќа основното човеково право на избор на потрошувачот од кого ќе се снабдува со енергија, а воедно и се исполнуваат условите за отворање на пазарот на електрична енергија, што ќе донесе поголема конкуренција и подобар квалитет на услугите на граѓаните на Република Македонија, стои во соопштението.
Од Кабинетот на Анѓушев посочуваат дека преку креирање на новото законско решение Владата недвосмислено покажа политичка волја и посветеност за спроведување на реформите во енергетскиот сектор.
Потсетуваат дека овој суштински закон требаше да биде донесен најдоцна до 1 јануари 2015 година, а поради ненавременото исполнување на преземените обврски од Европската Унија и нетранспонирање на Третиот енергетски пакет, Секретаријатот на Енергетската заедница имаше покренато постапки за спорови кон Република Македонија:
Во соопштението појаснуват дека Спор 2/15, е отворен од Секретаријатот на Енергетска заедница, за неуспех за транспонирање и имплементирање на одредбите за отворање на пазарот на електрична енергија, за што рокот согласно Договорот за основање на Енергетската заедница беше 1 јануари 2015 година за сите потрошувачи (вклучувајќи ги и домаќинствата).
Спор 9/16 е отворен од Секретаријатот на Енергетска заедница, за неусогласување со Договорот за основање на Енергетската заедница, односно нетранспонирање и неимплементирање на Третиот енергетски пакет до утврдениот рок од 1 јануари 2015 година.