Претседателот, Емануел Макрон, не го симна рачниот часовник за да го скрие, туку поради ѕвецкањето при ударите од масата, велат од Елисејската палата по видеото што ги разгневи граѓаните на Франција каде среде емисија Макрон се обидува неприметно да се ослободи од часовникот.
Според некои информации станува збор за рачен часовник вреден 80.000 евра, но Елисејската палата ги демантираше овие информации. Од таму велат дека Макрон носи модел на Bell&Ross во вредност од 1.660 до 3.300 евра.
-Бучавата јасно се слуша неколку секунди пред почетокот на видеото кое се споделува на социјалните мрежи – велат од Елисејската палата.
Сепак, постапката предизвика многу негативни реакции во јавноста особено затоа што во тек се протести во Франција поради незадоволство од пензиската реформа која ја зголемува старосната граница. Наводното криење на скапиот саат во француските медиуми беше протолкувано како обид на Макрон да скрие дека е претседател на богатите и дека не е во контакт со реалноста.