Мал број на луѓе за сега се наоѓаат пред Собранието каде е најавен протест кој ќе се одвива истовремено со пленарната седница на која пратениците треба да гласаат за отворање на Уставот. Протестот е организиран од здружението на граѓани „Преродба“, од каде најавија протести и блокади пред Собранието секој ден со почеток во 10.00 часот.
Дел од присутните веќе го искажуваат своето незадоволство од можната промена на Уставот. Протестот го следат и медиуми од регионот, па во изјава за новинарка од Бугарија, еден демонстрант порача дека не прифаќа промена на името.
-Тие што не ја признале Македонија под уставното име, тогаш пријатно. Јас сум роден како Македонец и така ќе останам. Не може да се менува името – изјави Ристо Андоновски од „Преродба“.
Повозрасна жена која е дел од протестот, пак, и порача на новинарката да му однесе марамчиња на Заев.
-Ако одите денеска кај Заев, однесете му марамчиња, за да плаче малку – рече таа одговорајќи на прашање од новинарката дали се очекува прес конференција на премиерот.