Гласањето за Законот за употреба на јазиците без да се разгледуваат амандманите е противуставно, изјави денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.
Тој денеска не присуствуваше на координативната средба кај собранискиот спикер, Талат Џафери, на која било договорено за утре да биде закажано продолжението на седницата на која на дневен ред се наоѓа Законот. Данев одби да одговори дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ размислува да ја блокира седницата.
-Не сакам да верувам дека гласањето ќе биде без да се разгледаат амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ. Уверен сум дека ќе се следи деловникот и Уставот. Амандманите мора да се разгледаат – вели Данев за „Макфакс“ и додава дека доколку седницата биде закажана тие ќе присуствуваат на неа со цел да ги бранат амандманите.