По паниката што се крена на социјалните мрежи дека на кампусот на УКИМ на студентите им биле раздавани апчиња за концентрација, се огласи фирмата Бионика Фармацеутикалс. Од таму велат дека станува збор за промотивна активност, одобрена од Ректоратот и во која учествувале стручни лица. Апчињата, додаваат од таму, се безбедни, се работи за додаток на исхрана одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Нивното соопштение го објавуваме во целост:
„Бионика Фармацеутикалс изразуваат загриженост за реакциите на јавноста во врска со одржаните промотивни активности на додатокот на исхрана – Вигорикс Интенс, на кампусот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје на 24.10.2018 и ја информираме јавноста дека промоцијата на Вигорикс Интенс е одржана со официјално одобрување од Управата на Ректоратот на Универзитетот Св. Кирил И Методиј согласно Одобрение бр. 13-29/27 од 17.09.2018 година, а за промоцијата беа ангажирани стручни лица, доктори и фармацевти вработени во компанијата Бионика Фармацеутикалс, Скопје.
Дополнително, Бионика Фармацеутикалс Скопје информира дека додатокот на исхрана Вигорикс Интенс е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија со Одобрение бр. 18-5274/1 од 16.07.2015 година кое потврдува дека производот Вигорикс Интенс на производителот Бионика Фармацеутикалс, во соработка со Herba Medica d.o.o, Словенија ги исполнува барањата во однос на составот и означувањето пропишани со: Законот за безбедност на храната (Сл. весник на РМ бр. 157/2010, 53/2011, 1/2012 и 72/2015) и Правилникот за посебните барања за безбедност на додатоците на исхрана (Сл. весник на РМ бр. 12/12, бр. 80/13 и бр.17/15).
Уверуваме дека Вигорикс Интенс е комплетно природен производ кој во својот состав содржи: микрокапсулиран кофеин, екстракт од корен на жен-шен, екстракт од семе на гварана, витамин Б3, витамин Б6 и витамин Б12. Производ кој се препорачува за одржување на нормален енергетски метаболизам, одржување на нормално функционирање на имунолошкиот систем како и намалување на заморот и исцрпеноста.
Производот Вигорикс Интенс е во овластена продажба во сите аптеки ширум земјата, како и во Република Србија и во Република Словенија. За потребите на промоцијата на Вигорис Интенс, беше изработено специјално промотивно пакување, а во редовна продажба, производот може да се најде во комерцијално пакување.
Компанијата Бионика Фармацеутикал, Скопје веќе 9 години работи на македонскиот пазар. Во своето портфолио има повеќе од 30 производи, додатоци на исхрана, лекови и медицински средства. Компанијата извезува во повеќе од 8 земји во регионот и Европската Унија и е долгогодишен партнер на реномирани фармацевтски компании од светот. Бионика Фармацеутикал, Скопје е докажана општествено одговорна компанија која се грижи за своите потрошувачи и активно помага на здруженија на пациенти и граѓански организации во остварувањето на нивните цели“.