Крилото на Левица, предводено од Димитар Апасиев, ја прифати поканата за средба со кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател, Гордана Силјановска. На фејсбук страната на Левица, формирана по раздорот на партијата во две фракции, Апасиев порачува дека поканата за средба ја прифаќа поради околностите во кои се најде државата.
„Заради комплексноста на политичката ситуација во која се наоѓа Република Македонија, евидентна е потребата за отвореност кон соработка помеѓу сите политички чинители кои јасно застанаа против неуставните и недемократски процеси, со кои беа погазени основните демократски постулати: волјата на мнозинството граѓани и правото на самоопределување. Поради тоа, ја прифаќаме поканата за средба со кандидатот за претседател, Проф.д-р Гордана Силјановска Давкова, со цел разгледување на можните заеднички позиции кои се од интерес за народот и Републиката“, стои во објавата.
Силјановска претходно го повика Апасиев на средба порачувајќи дека го почитува неговиот „принципиелен став да се учествува или не на претседателските избори“.
„Искрено верувам дека членовите на Левица го делат истиот или имаат сличен став. Впрочем, многумина од партијата и лично ги познавам. Сигурна сум дека низ годиниве сум успеала да ги убедам дека, не само што се повикувам туку и живеам со принципите на правото, правдата и етиката. Таква ќе бидам и како претседателка: своја и непослушна како нив, единствено верна на владеење на правото. Подготвена сум да се сретнам со раководството на Левица и отворено да разговараме за тоа како можеме да работиме на остварување на заеднички цели кои се од интерес за сите граѓани“, напиша Силјановска.
Во меѓувреме Апасиев објави и одлука на судот со која, како што тврди, го добил судскиот спор кој го водеше против Здравко Савески, како предводник на другата фракција во партијата. Според Апасиев тој останува единствен правен застапник на Левица.
Како одговор на ова Савески вели дека Апасиев го нарушува имиџот на „Левица“ и најавува реакција во текот на денот.
„Денес се подготвуваме за протестот за Први мај и, меѓу другото, срамота е што Апасиев токму пред Први мај реши дополнително да го валка имиџот на Левица, наштетувајќи му на организирањето на протестот“, ни рече Савески.