„Анима Мунди“ алармира за силен отров расфрлан низ Охрид

by fokus

Невладината организација Анима Мунди реагира на масовно труење на животни во Охрид во ек на туристичката сезона. Од таму велат дека труењето започнало по кревањето паника за бездомните кучиња, и алармираат дека расфрланиот отров е толку јак што ги убива животните и при негово вдишување.

„Податоците, слики и видео снимки ни пристигаат од бројни шокирани, преплашени граѓани и туристи кои се обидувале да им помогнат на животните но немале шанса да успеат – животните умирале во најтешки маки а отровот кој бил расфрлан бил со толку силно дејство што и со вдишување бил смртоносен“, велат од невладината и прашуваат што доколку отровот дојде во допир со некое дете.

„Кучињата се бездомни и не се криви што се на улица, туку се и самите жртви на неодговорни сопственици кои ги размножуваат и напуштаат кога ќе им здодеат. Општините располагаат со финансиски средства и се должни да ги стерилизираат, третираат хумано без исклучок, а за да го решат проблемот неопходно е најстрого да се забрани неконтролираното размножување и најстрого казнува неодговорното сопствеништво! Општините се должни да го превенираат и казнат насилството врз животните, масовното труење на животни кое е опасно по животот на сите и за кои законот предвидува и казна затвор“, додаваат од таму.

Од невладината прашуваат дали ќе се превземе нешто за да се фатат сторителите кои убиваат животни.

„Бараме итна интервенција од општината, Агенцијата за храна и ветеринарство како и Министерството за внатрешни работи со цел да се стави крај на ова монструозно дивеење по улиците, парковите, тревниците преку конечно изрекување на казна затвор за лицата кои злоупотребуваатотровни материии, вршат кривично дело мачење на животни, предизвикуваат општа опасност пред која и луѓето и животните можат да бидат жртва“, порачуваат од Анима Мунди.

Поврзани новости