Ацка Станишева се вика жената која се најде во сите медиуми откако денеска го пресретна премиерот, Димитар Ковачевски, во маркет и му се пожали на поскапувањата и дека нема ефект од мерката на Владата за замрзнување на цените. Како што објави „360 степени“ фејсбук профилот на оваа „хероина“ изобилува со објави од партиски настани на ВМРО-ДПМНЕ, а дел од фотографиите на кои е означена се објавени од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски.
Една од нив датира од 2 октомври 2021 година. Објавена е портретна фотографија од Станишева, а на неа пишува „Гласајте за број 7“ – редниот број на советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ на гласачкото ливче за последните локални избори кои се одржаа на 17 октомври истата година.
Нејзиното име се среќава и во статија на новинската агенција „Ројтерс“ од 8 јули 2022 година за масовните протести во Скопје против т.н. француски предлог во јули минатата година. Иницијатори на протестите беа опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
„Против компромисниот договор е и демонстрантката Ацка Станишева, велејќи дека тоа не е европски, туку бугарски предлог. ‘Владата не треба да го прифати овој предлог’, изјави Станишева за ‘Ројтерс’“.
Може само да се претпостави дали нејзиното присуство во маркетот во Тафталиџе беше случајно или не. Но треба да се има на ум дека ден претходно од Владата најавија дека Ковачевски и Бектеши утринава ќе го посетат конкретно тој маркет.