Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска во Парламентарното Собрание на Советот на Европа одржа говор во кој соопшти кои реформи ги презела Владата во борба против корупцијата, независно судство и слобода на медиумите. Во своите прашања европратениците најмногу се задржаа на прашањето за името.
На прашањето кои чекори ќе ги презеде Владата во блиска иднина за да го искористи моментумот, Димитров кратко рече дека следува нова рунда преговори со медијаторот Метју Нимиц и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас утре во Виена.
-Никогаш не сме имале преговори на ова ниво каде директно разговараат министрите за надворешни работи на двете земји. Мислам дека имаме прозорец на можности, не ги знам идните чекори, но мораме да продолжиме, да дадеме се од себе, што помалку домашна политика и повеќе стратегии толку повеќе и шанси да ги решиме проблемите. Не е лесно, но мислам дека не сме направиле доволно во минатото за да објасниме. Има слој на предрасуди и енигми, но никој не рече дека ќе биде лесно. Останува на нас да ги превртиме сите камења за да ја најдеме шансата – рече Димитров.
На прашањето кои се очекувањата од самитот во Софија, наспроти изјавите на дел од членките во ЕУ дека се против проширување, Димитров рече дека не мисли оти тие две работи се конфронтираат.
-Знаеме дека не сме во ситуација никој од земјите во регион да се придружи на ЕУ утре, свесни сме дека тоа е можно најрано во 2025. За нас во оваа ситуација е важен е процесот на пристапување и тоа е најважна алатка која ја имаме. Консолидацијата на Европа не може да го исклучи Балканот, тоа го покажа и бегалската криза. Сака да го завршам говорот со цитат: „Ако не можеш да јаваш два коња во исто време, тогаш што правиш во циркусот“, тука ќе застанам – порача тој.
На прашање од грчка европратеничка како е возможно Македонија да дојде до решение на спорот иако има намера да го задржи уставното име, Димитров одби конкретно да одговори велеќи дека преговорите не треба да се водат пред очи на јавноста.
-Џонглираме меѓу две интереси, сакаме да го штитиме процесот, но и да ја информираме јавноста. Постои опасност ставовите да станат национални позиции што оневозможува продолжување на преговорите. Сите ги знаеме позициите на двете страни. Мора креативно да видиме дали може да ги поместиме елементите за да се покрие најважното за Атина и за Скопје. За да се стори тоа мора повеќе да се разговара, а по договорот да и се елаборира се на јавноста – посочи тој.