Белград, 23 ноември 2016. – Во Белград е потпишан Договорот за купопродажба на сопственичкиот удел помеѓу компанијата SKB Capital S.A. од Луксембург и Erste Card Club d.o.o. (ECC), со седиште во Загреб. Со тоа ECC се стекнува со 100% сопственост над компаниите на Diners Club International Belgrade d.o.o. од Белград (DCI Belgrade) и Diners Club International Mak d.o.o.e.l. од Скопје (DCI Mak), а посредно и над компаниите Diners Club International Montenegro d.o.o. од Подгорица и DC Travel од Белград. Diners Club International, како давател на франшизата, ја поддржува трансакцијата и го одобрува преносот на лиценцата ECC, како и иден развој на брендот на Diners Club и деловното работење на овие пазари. Досегашното работење на трите наведени пазари опфаќа нешто повеќе од 40.000 издадени картички Diners Club, со вкупен промет од 90 милиони евра.
Согласно со договорот, ECC го презема ексклузивното право за издавање и прифаќање на Diners Club картичката, односно одговорноста за понатамошен развој на брендот Diners Club и идниот развој на подрачјето на Србија, Македонија и Црна Гора. Се очекува најдоцна до првиот квартал од 2017 година да се завршат трансакциите и да се изврши финално пренесување на деловните удели, откако ќе бидат исполнети формално-правните услови од самиот договор, како и издавање одобренија од сите регулаторни тела.
„Како најголем издавач во регионот, ECC на територијата на Србија, Црна Гора и Македонија ќе донесе нови платежни решенија од палетата на производи на Diners Club и со тоа ќе ја збогати понудата на пазарите на овие три земји. Предностите од спојувањето на франшизата на регионално ниво, како и големиот потенцијал за проширување на деловните можности и успеси, ќе ги почувствуваат сите учесници во бизнис-франшизата, како и нашите партнери. Беспрекорниот сервис и услуга на кој се навикнати клиентите во Србија, Црна Гора и во Македонија повеќе од една деценија од работењето на Diners Club во овие земји, ќе остане приоритет и во иднина, а на клиентите ќе им биде достапен поголем избор кога станува збор за производи, услуги и бенефиции за плаќање со картичките Diners Club“, истакна г. Обрад Сикимиќ по повод потпишувањето на Договорот за купопродажба, кој следните пет години ќе ја врши должноста претседател на Надзорниот одбор во DCI Белград. На чело на Diners клубовите на територијата на Србија, Црна Гора и на Македонија, г. Обрад Сикимиќ е повеќе од 25 години, кој во тоа време активно работеше на позиционирањето на брендот Diners Club во овие земји, односно на развојот на понудата на платежните услуги.
„Овој чекор е логично продолжение на нашата деловна стратегија, која има за цел да го зајакне регионалното присуство на подрачјето на Југоисточна Европа. Земајќи ги предвид резултатите од досегашното франшизно работење на овие пазари, веруваме дека со развиениот бизнис-модел ќе можеме да обезбедиме врвен квалитет на услуги на клиентите и долгорочно да остваруваме успешни деловни резултати“, додаде г-ѓа Марија Радониќ, заменик-претседател на раководството на ECC, која е задолжена за регионалното работење.
Erste Card Club d.o.o. е картична компанија со повеќе од 550.000 издадени кредитни картички во Хрватска, Босна и Херцеговина и во Словенија. Таа е дел од една од најголемите банкарски групации во Средна и во Источна Европа, Ерсте Групацијата, и нејзиниот партнер во овој регион, Steiermärkische Sparkasse од Грац. Покрај франшизата за Diners Club во Хрватска, која е една од 10-те најголеми и најуспешни во светот, ECC е сопственик и на Diners Club франшизата во Босна и Херцеговина и во Словенија, а присутна е и на пазарите во Унгарија, Бугарија и во Романија во сегментот на прифаќање на картичката.