Бомбите за тоа како се договарал изградбата на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид со кинески кредит и натаму се слушаат во Кривичниот суд на рочиштето за „Траекторија“.
На оваа тема, тогашниот министер Миле Јанакиески најмногу зборува со Оливер Шамбевски, амбасадорот во Кина.
-Сум почнал да се закосувам на очите, му вели Јанакиески на Шамбевски, алудирајќи дека премногу е посветен на кинескиот кредит со кој треба да се изградат патиштата.
Потоа, Јанакиески станува сериозен и му вели: -Ова со Кинезите ми е основната база за следните парламентарни избори, по што продолжуваат да зборуваат за изборот на кинеската компанија која ќе го склучи милионскиот договор.
Во разговор меѓу истите соговорници, Јанакиески го известува Шамбевски дека одлучиле на Кинезите да им дадат едно земјиште што го барале кај Аеродром. Шамбевски незадоволен од одлуката го советува да не брзаат, истакнувајќи дека кај нив во амбасадата, во Кина состојбата е катстрофа, па Кинезите би требало исто така да се заангажираат.
Од една од бомбите се открива како Јанакиески изнаоѓа финта како долгот што ќе го имаме кон Кина да не влезе во ставката буџетски дефицит, туку како долг.
-Многу ни е важно компанијата која ќе го добие договорот да е Акционерско друштво во Кина, бидејќи во тој случај долгот нема да влезе во буџетски дефицит, туку како долг, му вели Јанакиески на Шамбевски.
В.В.