Ермон Незири изгуби од Ислам Абази, па сега сака да биде член на Совет на обвинители

by fokus

Обвинителот од Основното јавно обвинителство Скопје, Ермон Незири кој беше еден од кандидатите за раководител на Обвинителството за организиран криминал и корупција, сега е кандидат за член на Советот на јавни обвинители кој се избира од немнозинските заедници.

Освен Незири, кандидат за член на Советот е и долгогодишниот скопски обвинител, Расим Дреца.

Кандидатската листа е обајвена на веб страницата на Советот на јавни обвинители, а еден од пријавените ќе го замени досегашниот член, Коле Штериев кој на 2 мај заминува во пензија.

Од Советот на јавни обвинители за „Фокус“ велат дека на гласањето е закажано за на 26 април овој месец.

Новиот член ќе го избираат сите обвинители од државата и оној кој ќе добие мнозинство на гласови ќе биде нов член на Советот.

-Сумирањето на резултатите од гласањето ќе биде директно пренесувано или евентуално снимено, а во рок од 24 часа и објавено на веб страницата на Советот на јавни обвинители, вели за „Фокус“, претседателот на Советот, Антонио Јолевски.

 

Незири стана познат во јавноста, откако влезе во трката за шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал. Пред изборите постојано се појавуваше во медиумите и се залагаше за зголемена транспарентност на јавното обвинителство која би ја зголемила и одговорноста кај обвинителите, но и довербата во институцијата.

Но, изненадувачки, на овој избор најмногу гласови доби обвинителот од гостиварското Вишо јавно обвинителство, Ислам Абази кој ниту еднаш не се појави во јавноста да ја претстави својата програма, а се нема појавено ни откако беше избран.

Абази доби 66 гласа, Незири два гласа помалку, обвинителката од Гостивар, Деса Пауновска 10 гласови, а поранешната шефица на организиран криминал, Вилма Русковска,14 гласа.

Ова беше прв ваков избор на шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во земјава.

Овој избор на обвинителите, иако за прв пат тие го избираа шефот на обвинителството кое гони највисок криминал, предизивика дебати и негативни реакции во јавноста.

Членот пак кој ќе оди во пензија, Штериев, пак еден период беше и претседател на Советот на јавни обвинители, а во негов мандат за обвинител во организиран криминал беше избрана неговата внука, Марија Ѓорѓева.

Судир на интереси за овој случај утврди и Државната комисија за спречување на корупцијата бидејќи Штериев гласал воздржано и овозможил Ѓорѓева да биде избрана. ДКСК поведе и прекршочна постапка и го казни Штериев со 500 евра глоба.

Советот на јавни обвинители има 11 члена и е тело кое треба да ја обезбедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости