Во разговор со МИА, еден од најисктакнатите белгиски професори по меѓународно право од Слободниот универзитет на Брисел (УЛБ), Ерик Давид, прифати да даде експертско надврорешно мислење за содржината на Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција.
Давид е специјализиран во правото на вооружани конфликти, објавил повеќе научни трудови од областа на меѓународното право, бил консултант за белгиската влада, за Обединетите Нации, за Советот на Европа, член на повеќе релевантни меѓународни комисии и бил активен како експерт за “Трибуналот Расел“ за Палестина.
Професорот, кој на лично ниво смета дека “грчките барања се претерани“ не гледа никаква закана за македонскиот народ од овој Договор и воопшто не се согласува со обвинувањата дека со него е нарушено правото на самоопределување на македонскиот народ, бидејќи во случајот со името не е применлив овој концепт објаснува тој.
– Правото на самоопределување во меѓународното право е етаблирано од страна на Обединетите Нации единствено во колонијален или параколонијален контекст. Со други зборови, народите кои се наоѓаат во ситуација на колонизација, значи колонизираните народи како Конго, Руанда, Бурунди на пример, се територии кои имаа право на самоопределување.
Потоа, објаснува тој, правото било проширено за народи кои се во состојба на окупација, на пример на малцински расистички режими како апартхајдот во Јужна Африка. Или, во денешно време, случајот со Западна Сахара, која била прво под шпанска доминација, а денеска е окупирана во повеќе од три-четвртини од својата територија од страна на Мароко. Правото важи на пример и за палестинскиот народ, објаснува Давид.
Во спорот за името меѓу Македонија и Грција не станува збор за територијални прашања, ниту пак за колонијален или параколонијален контекст.
– Проблемот на Македонија е спор за име, не е проблем на независност, Грција никогаш не ја администрирала Северна Македонија, така што барањата на Грција во однос на името не претставуваа во ниеден случај прекршување на правото на самоопределување на македонскиот народ, вели Ерик Давид за МИА.
Тој признава дека овој спор, меѓутоа, е уникатен и е своевиден преседан во меѓународното право бидејќи заштитата на имињата постои само во комерцијалната област, но не и во културна.
– Барањата од двете страни се чинат сосема легитимни. Легитимно е поранешната југословенска Македонија да си го бара одржувањето на името кое веќе го имала за време на Југославија, нема полегитимно. Но Грција исто така има свој легитимитет. Не велам легалитет. Затоа што легално, повторувам, нема специфични правила за присвојувања на деноминации од културен карактер. Нема ни од топонимски аспект, само за домени на интернет.
Ова, како што вели тој, е навистина специфичен случај на конфликт на култури.
-Мора да се има на ум легитимитетот на барањата на двете страни. Секоја страна има реален легитимитет да бара признавање на факти кои постојат одамна. Дали е тоа грчкото културно наследство или македонското културно наследство, додава Давид.
Давид предупредува дека, иако тој лично ги смета грчките барања за претерани, Грција би можела еден ден пред релевантните судски инстанци да побара заштита на името Македонија.
-Ако некогаш спорот за името стаса пред релевантни судски инстанци, можеме да замислиме Грција да се повика на некакво културно право врз тоа име. Името Македонија како дел од нејзината национална култура. Прашање е дали тоа би можело да се оправда. На тоа би можело да се одговори дека името Македонија веќе долго време се користело од страна на Југославија без тоа да предизвика никаков проблем, вели Давид.
-Јас лично сметам дека грчкото барање е претерано и мислам дека овој Договор со кој се именува државата Северна Македонија е всушност одличен компромис помеѓу двете страни. Северна Македонија добива сатисфацкија затоа што името и е признаено и е подобро идентификувано географски. А Грците добиваат сатисфакција со тоа што Северна Македонија не е грчката Македонија.
За крај, околу шпекулациите дека Русија би можела на некаков начин да го блокира Договорот за името во Советот за Безбедност на Обединетите Нации, професорот потсетува дека за тоа би требало да има коснензус од сите членки на ова тело.
-За тоа треба Советот за безбедност да усвои резолуција со која се осудува склучениот договор, што многу би ме изненадило. Мислам навистина дека не би имало никаква смисла. Ова не е прашање кое ја загрозува светската стабилност, што е главна надлежност на СБ. За среќа Грција и Македонија не се подготвуваат да упторебат сила за да го решат проблемот, така што не гледам што СБ би имал да каже за договор помеѓу две држави. Меѓународното право се заснова врз договори меѓу страните Ако две држави се согласни, нема никаква смисла СБ да го преземе случајот, објаснува Ерик Давид