Ердоган води по првичните резултати од изборите во Турција

by Fokus

Во Турција се одржаа парламентарни и претседателски избори. Граѓаните го избраа претседателот меѓу актуелниот шеф на државата Реџеп Таип Ердоган, главниот опозициски кандидат Кемал Киличдароглу и Синан Оган. Гласачките места се затворени во 17:00 часот по локално време, односно во 16:00 часот по наше време.

Со нешто повеќе од 30 отсто од обработените гласови, Ердоган се уште е во водство. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган има 53,62 отсто од гласовите, а првиот противкандидат Кемал Киличдароглу доби 40,42 отсто. Синан Оган освои 5,4 отсто од гласовите, јави државната телевизија ТРТ Хабер.

Претседателот на Централната изборна комисија на Турција Ахмет Енер соопшти дека нема позначајни нерегуларности на изборите.

„Почитувани пријатели и колеги. Изборниот процес беше завршен на начин што е во корист на нашата демократија, фала богу. Сега, како и секогаш, време е да се пребројат гласовите. Додека резултатите не бидат конечни, продолжуваме да ја штитиме волјата на нашата нација“, напиша Ердоган на Твитер.

Киличдароглу го искористи своето право на глас во Анкара. Ердоган гласаше во Истанбул.

„ Од утрото го следам процесот, министерот за внатрешни работи ме информираше дека тековното гласање се одвива без проблеми и инциденти“, изјави Ердоган пред новинарите по гласањето на избирачко место во истанбулската област Ускудар.

На изборите право на глас имаат над 64,1 милион граѓани, кои своето избирачко право ќе го остварат во Турција и во странство.

Доколку ниту еден од кандидатите не освои повеќе од 50 отсто од гласовите на претседателските избори, двајцата кандидати со најмногу гласови ќе се натпреваруваат во вториот круг, кој ќе се одржи на 28 мај.
За гласовите на гласачите на парламентарните избори ќе се борат вкупно 24 политички партии и 151 независен кандидат.

 

Поврзани новости