Турскиот претседател Ердоган денеска по средбата со украинскиот претседател Зеленски изјави дека територијалниот интегритет и суверенитет на Украина се несомнени за Анкара и оцени дека Турција ќе биде идеално место за можни мировни преговори за украинскиот конфликт.
Ердоган истакна дека дипломатската иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија е во согласност со политиката на Турција во изминатите три години, јавува Anadolu.
„Ние се залагаме за територијалниот интегритет на Украина. Како Турција, ја изразивме нашата почит за ова прашање насекаде. Територијалниот интегритет на Украина ни е неопходен. Суверенитетот ни е неопходен“, рече Ердоган, пренесе ТРТ.
Тој нагласи дека во мирот нема губитници, дека целиот свет сега чека мир во војната меѓу Русија и Украина.
Претседателот на Турција денеска во Анкара го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Неколку други високи турски претставници присуствуваа на состанокот зад затворени врати, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хакан Фидан и министерот за одбрана Јашар Ѓулер.