Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган апелираше до меѓународната заедница да изврши поголем притисок врз Израел за да се осигура дека повеќе хуманитарна помош ќе биде доставена до Појасот Газа.
Тој додаде дека Анкара ќе ја зголеми количината на хуманитарна помош што ќе ја испрати за време на светиот муслимански месец Рамазан.
Ердоган ги критикуваше западните земји дека го поддржуваат Израел, потенцирајќи дека му дале можност на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да изврши „дивјачки напади“ врз Појасот Газа поради нивниот „неодлучен став“, пренесува Ројтерс.
„Што и да направи израелското раководство, не може да ја сокрие реалноста дека е убиствена, сурова, криминална, лажлива и фашистичка влада“, рече Ердоган.
Тој посочи дека повиците на западните земји за смиреност се бесмислени, додека поддршката за Израел продолжува.
„Сите добро знаеме дека се додека продолжуваат нападите врз Газа и опсадата, количината на помошта не е доволна. Најитно е да се зголеми бројот на камиони кои минуваат низ преминот Рафа. Секако, неопходно е да се изврши притисок врз Израел во овој поглед“, рече турскиот претседател.
Минатата недела турската Црвена полумесечина ја испрати најголемата пратка помош во Газа до сега, испраќајќи брод со околу 3.000 тони храна, лекови и хуманитарни материјали.
Турција, која остро го критикуваше Израел поради неговата воена офанзива во Газа и ги поддржа чекорите за судење на израелското раководство за геноцид, постојано повикува на прекин на огнот и испрати повеќе од 40.000 тони хуманитарна помош преку Египет.