Ердоган по посетата на БиХ оди во Србија

by fokus

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска се спротивстави на интервенцијата на високиот меѓународен претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, во Изборниот закон.

„Одлуките во врска со изборниот закон ги носат овие тројца водачи. Овде не треба да имаме интервенција на висок претставник. Ние сме против какви било интервенции во врска со овој демократски процес“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција во Сараево. Пред тоа, тој се сретна со тројца членови на Претседателството на БиХ, Сефик Џаферовиќ, Жељко Комшиќ и Милорад Додик, кои го пофалија раководството на турскиот лидер.

Ердоган одговори на прашање дали Турција ќе учествува во изборната реформа, како и дали за тоа ќе се разговара при посетата на Загреб.

Турскиот претседател изјави дека доаѓа во БиХ пред изборите, кои ги оцени како исклучително важни за Турција.

„Од витално значење е изборите на 2 октомври да бидат конструктивни и транспарентни. Ова не е важно само за БиХ, туку и за целиот регион. Сакам изборниот резултат да биде корисен за БиХ“, додаде тој.

Ердоган претходно ја посети Босна и Херцеговина за време на предизборната кампања и директно ја поддржа водечката бошњачка партија СДА и нејзиниот претседател Бакир Изетбеговиќ.

Тројцата членови на државниот врв очекувано беа поделени околу изборната реформа.

Бошњачкиот член на државниот врв Шефик Џаферовиќ рече дека тоа е внатрешно политичко прашање на Босна и Херцеговина, додека хрватскиот член Жељко Комшиќ, кого мнозинството Хрвати го сметаат за нелегитимен, истакна дека Шмит „треба да размисли за последиците од таквата можна одлука“.

Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, пак, го повтори веќе искажаниот став дека БиХ нема висок претставник, тврдејќи дека Шмит „лажно се претставува во БиХ“. Додик го оспорува легитимитетот на германскиот политичар на чело на меѓународната администрација, бидејќи неговото назначување не било потврдено од Советот за безбедност на ОН. Тој се спротивставил и на наметнувањето на одлуката на високиот претставник, но изразил разбирање за очекувањата на хрватската страна во Босна и Херцеговина да има легитимни политички претставници. Притоа, индиректно го прозва Комшиќ дека на изборите добива „хрватски потпис со гласови на Бошњаците“.

За време на посетата на турскиот претседател на Босна и Херцеговина, двете земји потпишаа договор за меѓусебна заштита и размена на тајни податоци од воената индустрија, а беше навестено и склучување договор според кој граѓаните ќе можат да патуваат во двете земји со лични карти.

Турскиот претседател утре ќе ја посети Србија, а во четврток ќе отвори комплекс на исламската заедница со џамија во Сисак и ќе разговара со државниот врв.

Поврзани новости