Турскиот претседател Ердоган се закани дека повторно ќе го блокира приемот на Шведска и Финска во НАТО доколку не ги исполнат барањата на Анкара.
Ердоган денеска изјави дека Турција ќе ја замрзне процедурата за влез на Шведска и Финска во НАТО, доколку тие две земји не го одржат ветувањето за антитерористички акции што го дадоа минатиот месец, додавајќи дека „Шведска досега не остава добар впечаток“.
Финска и Шведска поднеле барање за членство во НАТО откако Русија ја нападна Украина, но Турција веднаш се спротивстави на идејата и ги обвини двете нордиски земји дека ги поддржуваат групите кои Турција ги смета за терористички.
Трите земји потоа потпишаа договор на самитот на НАТО во Мадрид минатиот месец, по што Анкара го укина ветото за влезот на Шведска и Финска во НАТО, но под услов тие две земји да ги исполнат ветувањата поврзани со наводните терористички групи и извозот на оружје.
Турција тогаш најави дека „внимателно ќе го следи“ спроведувањето на договорот пред да го ратификува влезот на Шведска и Финска во НАТО.