Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека не верува дека палестинската милитантна група Хамас ќе го напушти Катар, додавајќи дека ниту во Доха не видел знаци за тоа.
Зборувајќи со новинарите за време на неговиот лет од Ирак назад во Турција, Ердоган исто така рече дека целосната израелска окупација на Газа ќе ја „отвори вратата“ за понатамошни инвазии на палестинските територии, објавија Абертурк и други медиуми, пренесе Ројтерс.
Тој изјави дека верува оти Ирак гледа потреба да ја елиминира курдската милиција на Курдистанската работничка партија (ПКК) и дека има волја да го стори тоа.
Ердоган истакна дека борбата на Турција против тероризмот ќе продолжи во согласност со меѓународното право.
ПКК, која со децении води бунт против турската држава, е прогласена за терористичка група во Турција, САД и ЕУ.
„Отстранувањето на оваа закана е исто така во корист на Ирак. Верувам дека тие ја гледаат оваа реалност и дека сега ќе бидат подготвени да го решат ова прашање“, рече Ердоган.