Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција го поддржува територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина, но истовремено се придржува до принципиелниот став дека НАТО не треба да биде страна во конфликтот во руско-украинската војна.
„Познато е дека го поддржуваме територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина. Ако зборуваме за следните чекори за поддршка на Украина, остануваме и на нашиот принципиелен став дека НАТО не треба да биде страна во војната“, рече Ердоган пред заминувањето на самитот на НАТО во Вашингтон, пренесува Anadolu Agency.
Ердоган рече дека нема да има губитници во праведен мир, истакнувајќи дека Турција од самиот почеток презеде одговорност да обезбеди прекин на огнот и да го отвори патот за траен мир.