Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на вчерашниот митинг во Истанбул, ја нарече опозицијата „про-ЛГБТ“, зајакнувајќи ја својата реторика против неговите противници седум дена пред изборите. На собирот во Истанбул, според информациите, присуствувале околу 1,7 милиони луѓе.
„Партијата АКП и другите партии во нашиот сојуз никогаш не би биле про-ЛГБТ, бидејќи семејството е свето за нас. Ќе ги закопаме оние што се про-ЛГБТ во гласачките кутии“, им порача Ердоган на насобраните.
Тој во последниве години ја заостри реториката против ЛГБТ заедницата, често нарекувајќи ги членовите „девијантни“.
Вчера го нападна и неговиот клучен изборен ривал, Кемал Киличдароглу, кој ја предводи главната опозициска алијанса.
„Мојот народ нема да дозволи пијаници да излезат на сцената. Мојата нација ќе го даде потребниот одговор на 14 мај. Нема да дозволиме Киличдароглу, кој е рака под рака со терористите, да ја подели нашата татковина, нагласи актуелниот турски претседател.
Ердоган го обвинува Киличдароглу дека добил поддршка од забранетата Курдска работничка партија (ПКК), која води борби од 1980-тите во кои загинаа повеќе од 40.000 луѓе.
Избирачките места в недела на 14 мај ќе бидат отворени од 8 до 17 часот по локално време, во 87 региони.
Избирачки места ќе бидат отворени и надвор од Турција, во 75 земји. Повеќе од 3,41 милиони граѓани се пријавени за гласање од странство.