Ердоган му нуди на Путин средба со Зеленски

by Фокус

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган повторно му понуди на рускиот претседател Владимир Путин да организира средба меѓу него и украинскиот лидер Володимир Зеленски во Анкара или Истанбул, соопшти кабинетот на Ердоган по неговиот денешен телефонски разговор со рускиот претседател.

Претседателот на Турција истакна дека може да биде неопходна средба на ниво на национални лидери за да се постигне консензус и ја повтори својата понуда да биде домаќин на претседателите на Русија и на Украина во Истанбул или Анкара.

Во соопштението од неговиот кабинет се наведува дека Ердоган му рекол на Путин оти за договор околу одредени прашања може да биде потребна средба на лидерите.

За руската инвазија на Украина, aмериканскиот претседател Џо Бајден утре телефонски ќе разговара со кинескиот колега Шји Џјинпинг.

Станува збор за одржување отворени комуникациски канали меѓу Соединетите Американски Држави и Народна Република Кина, рече во изјавата портпаролката на извршната власт на САД, Џен Псаки.

-Двајцата лидери ќе разговараат за ривалството меѓу Вашингтон и Пекинг и за други прашања од заеднички интерес – рече таа.

Поврзани новости