Претседателот на Турција – Реџеп Таип Ердоган вчера го означи почетокот на турската „Година на семејството“ со најава на мерки за зголемување на наталитетот.
Осврнувајќи се на „историската вистина дека силното семејство го отвора патот за силна држава“, Ердоган претстави низа финансиски мерки за поддршка на младите семејства, јавува „Асошиејтед прес“.
Тој се обиде да го прикаже движењето ЛГБТК+ како дел од странски заговор чија цел е поткопување на Турција.
„Наша заедничка одговорност е да ги заштитиме нашите деца и млади луѓе од штетни трендови и перверзни идеологии. Неолибералните културни трендови ги преминуваат границите и продираат во сите делови на светот. Тие, исто така, водат до зајакнување на ЛГБТ и другите движења“, рече Ердоган во Анкара.
„Целта на политиката за родова неутрализација, во која ЛГБТ луѓето се користат како овен, е семејството. Критиките кон ЛГБТ луѓето веднаш се премолчуваат, исто како и легитимната критика на ционизмот. Секој што ја брани природата и семејството е подложен на жестоки угнетување“, истакна Ердоган.
Парадите на гордоста се забранети во Турција од 2015 година, а оние кои сакаат да учествуваат се соочуваат со солзавец и полициски барикади.
Осврнувајќи се на „алармантниот“ пад на стапката на раст на населението, Ердоган рече дека Турција „губи крв“ и потсети на неговото барање од 2007 година семејствата да имаат најмалку три деца.
Тој, исто така, изрази загриженост за зголемената стапка на разводи и фактот дека луѓето подоцна се венчаат.
Годишната стапка на раст на населението во Турција падна од 2,53 отсто во 2015 година на 0,23 отсто минатата година.
„Ако не ги преземеме неопходните мерки, проблемот ќе достигне непоправливи нивоа. Во таква средина, губењето на населението е неизбежно“, рече Ердоган.
За да се бори против заканата за семејството, Ердоган претстави политики како што се бескаматни заеми за младенците, подобрени парични бенефиции за родителите на новороденчињата, финансиска, советувачка и станбена поддршка за поттикнување на новите семејства и бесплатна или евтина грижа за децата.