Дијалогот е важен и покрај разликите во позициите за блискоисточниот конфликт и ако Германија и Турција успеат да постигнат прекин на огнот, постои шанса регионот да излезе од огнениот обрач, изјавија германскиот канцелар Олаф Шолц и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Берлин.
-Господине претседателе, не е тајна дека имаме сосема различни ставови за овој конфликт… но токму затоа е важно да разговараме во овие тешки моменти – рече канцеларот Шолц на прес-конференцијата пред средбата со турскиот претседател.
Шолц уште еднаш ја истакна германската позиција дека правото на Израел да постои е нешто за кое не може да се дебатира.
-Кај нас нема место за антисемитизам, без разлика дали е политички или верски мотивиран – вели Шолц.
Ердоган во последниве недели предизвика критики во Германија со некои од неговите ставови за конфликтот на Блискиот Исток, како што се нарекувањето на Хамас „ослободителна“ организација и Израел „терористичка држава“.
Ердоган ја повтори својата критика кон Израел и повика на хуманитарен прекин на огнот во појасот Газа.
-Бомбардирањето болници или убивањето деца не е напишано во Тората. Тоа не смее да се прави. Станува збор за 13.000 убиени деца, жени и старци. Се во Газа е срамнето со земја – рече турскиот претседател.