Кандидатите за претседател на Турција, актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган и кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу денес гласаа во вториот круг од изборите, јави агенцијата Анадолија.
По гласањето во Истанбул, Ердоган изјави дека за прв пат во историјата на турската демократија се одржува вториот круг од претседателските избори.
„Во вториот круг секако нема партии. Има само двајца кандидати и затоа верувам дека денешното гласање ќе биде многу брзо“, рече Ердоган и ја пофали високата излезност на изборите во Турција.
„Нема земја во светот каде излезноста достигнува 90 отсто. Турција на најдобар начин ја покажа својата демократска зрелост со излезност до 90 отсто. Верувам дека така ќе биде и денеска“, рече Ердоган.
Ердоган изрази желба изборите да бидат корисни за целата земја и граѓаните.
Киличдароглу кој гласаше во Анкара, по гласањето изјави дека верува во победа.
„Ќе победиме, ќе видите, верувам во волјата на народот. Верувам дека ќе победи здравиот разум на народот и демократијата“, рече Киличдароглу и ги повика граѓаните да излезат на гласање.
,Во првиот круг од изборите на 14 мај, Ердоган освои 49,5 отсто од гласовите, а лидерот на турската опозиција Кемал Киличдароглу 44,89 отсто.