Ердоган: Грчките сили се однесуваат како нацисти кон мигрантите

by fokus

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги обвини денеска грчките безбедносни служби дека се однесуваат како нацисти, бидејќи употребуваат сила врз мигрантите кои се обидуваат да ја преминат границата од Турција во ЕУ.

Десетици илјади луѓе се обидуваат да пристигнат во Грција, откако Турција на 28 февруари соопшти дека веќе нема да ги задржува мигрантите на своја територија, во рамки на Договорот со Брисел од 2016 година што подразбира европска помош за бегалците.

Грчките безбедносни сили употребија солзавец и водени топови да ги спречат мигрантите. Атина ги отфрли молбите за добивање азил на еден месец и соопшти дека спречила повеќе од 42.000 илегални мигранти да влезат во Унијата во текот на последните две недели.

Во турскиот Парламент Ердоган покажа снимки пред пратениците на својата Партија на правда и развој (АКП) од случувањата на грчката граница.

– Нема разлика меѓу овие слики на грчката граница и она што го правеле нацистите … Отворање оган врз невини луѓе, изложувајќи ги на сите видови нехумано постапување… тоа е варварство во вистинска смисла на зборот, истакна турскиот претседател.

Одговарајќи на коментарите на Ердоган, портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас истакна дека шефот на турската држава постојано се обидува да ја поткопа атмосферата со неговите изјави.

– Им велиме на сите дека не треба да се обидуваат да влезат преку прозорец. Постои врата. Секој што има право на заштита треба да затропа на таа врата и има право да добие заштита  според меѓународниот закон, нагласи Пецас.

Поврзани новости