Турскиот претседател Таип Ердоган рано утринава изјави дека неговата владејачка партија не го постигнала посакуваниот резултат на вчерашните локални избори, додавајќи дека ќе се самокритикува и ќе ги реши недостатоците.
Турците ги казнија Ердоган и неговата партија вчера на локалните избори низ целата земја, со што ги урнаа надежите на претседателот за повторно заземање на општините во Истанбул и Анкара, кои опозицијата ги освои во 2019 година.
Обраќајќи им се на поддржувачите во Анкара, Ердоган рече дека изборите не се крај, туку пресвртница за неговиот сојуз и додаде дека изборниот циклус, кој датира од минатиот мај и ја исцрпи турската економија, сега е завршен.
Актуелните опозициски градоначалници на Истанбул и Анкара прогласија победа на локалните избори во неделата, што значи дека партијата на турскиот претседател загуби во двата најголеми града во земјата.
Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кандидат на најголемата турска опозициска партија ЦХП, прогласи победа, велејќи дека води со повеќе од еден милион гласови по преброените 96 отсто од гласачките ливчиња.
Градоначалникот на Анкара, Мансур Јавас, исто така од партијата ЦХП, прогласи победа во тој град. „Изборите завршија, ние продолжуваме да им служиме на Анкара и нејзините шест милиони жители без дискриминација“, вети тој.