Ердоган го поддржува влезот на Косово во НАТО

by fokus

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по средбата со косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека неговата земја го поддржува и ќе се залага за влез на Косово во Северноатлантската алијанса.

-Турција, како важна земја на НАТО, не гледа ништо лошо во членството на Косово во НАТО. Не ни треба ничија дозвола за поддршка на процесот за членство во НАТО. Презедовме чекори.Како што направивме во случајот со признавањето, така ќе направиме и за процесот за членство на Косово во НАТО, рече тој на прес-конференција во Анкара.

Ердоган порача дека Турција е втората земја, по Соединетите држави, која ја призна независноста на Косово, дека придонела многу за процесот и дека продолжува да лобира за да се обезбеди поголемо признавање на Косово.

-На ист начин нашите состаноци и контакти продолжуваат да носат ново признание од земјите кои не го сториле тоа. На средбата што ја имавме, Вјоса Османи ми даде имиња на неколку земји за да обезбедиме нови признавања на Косово и сакаме да имаме нови признавања, рече Ердоган.

Османи рече дека Косово е заинтересирано за продолжување на добрите односи со Турција и ја пофали улогата на Ердоган во поддршката на Косово и помагањето на Турција да добие ново признавање.

Поврзани новости