Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за „некои од најлошите злосторства“ на векот и рече дека ќе остане запишан во историјата како „касапот на Газа“.
Ердоган, кој силно ги критикува воените операции на Израел во Газа, исто така најави дека турската влада ќе се погрижи Израел да одговара за своите постапки пред меѓународните судови.
Во говорот пред пратениците на владејачката партија, Ердоган оцени дека акциите на Израел го поттикнуваат антисемитизмот, а западните лидери ја поттикнуваат омразата кон исламот.
„Со убиствата што ги изврши во Газа, Нетанјаху го поттикнува антисемитизмот и го загрозува народот на Израел и целиот еврејски народ“, рече Ердоган, додавајќи дека имигрантите кои живеат во западните земји ја плаќаат цената за неодговорната реторика на западните лидери дека „ги демонизира Палестинците“.