Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека сака да ги продлабочи односите со унгарскиот премиер Виктор Орбан, за време на неговата втора посета на Будимпешта во последните четири месеци.
Унгарија и Турција се единствените членки на НАТО кои не го ратификуваа пристапувањето на Шведска во Северноатлантскиот договор.
Унгарскиот парламент допрва треба да гласа за барањето на Шведска, приклучувајќи ѝ се на Турција, која долго време го блокираше членството на земјата и го кочи процесот иако Ердоган го повлече своето вето во јуни.
На прес-конференцијата по средбата двајцата лидери не го коментираа ова прашање, но унгарскиот претседател Каталин Новак, кој се сретна и со Ердоган, потврди дека се разговарало за проширување на НАТО.
Повод за посетата на Ердоган беше стогодишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји.
„Сакаме уште посилни односи во одбраната и енергетиката, области во кои веќе плодно соработуваме“, рече Ердоган, додавајќи дека целта е да се зголеми трговијата со стоки од четири на шест милијарди долари.
Ердоган беше пречекан со воени почести на плоштадот на хероите во Будимпешта, од каде што се упати на средба со Новак и Орбан.
The best deal I’ve ever made! For one horse power, I got 435. Welcome to #Hungary President @RTErdogan ! 🇭🇺🇹🇷 pic.twitter.com/RVmEgHROGn
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) December 18, 2023
Орбан му подари на Ердоган нониус, коњ од унгарска раса, иако турскиот лидер падна од таков коњ во 2003 година.
„Подарок од една коњаничка нација до друга“, напиша Орбан на Фејсбук.
Од Ердоган на подарок добил електричен автомобил произведен во Турција, а фотографијата ја објавил на социјалната мрежа Х.
„Најдобрата зделка што сум ја направил. Добив 435 за една коњска сила. Добредојде претседателе Ердоган“, напиша Орбан.