На 25 декември 2017 година, 39-годишниот Ром, Беким Демир, според известувањата починал од предозирање во затворот Идризово само неколку дена пред да биде пуштен на слобода.
Европскиот центар за права на Ромите велат дека ќе го изнесе неговиот случај пред суд, како дел од колективна тужба која вклучува смрт на тројца други затвореници Роми против Управата за извршување санкции при Министерството за правда. Воедно, тој е осмиот и последниот затвореник кој починал во КПУ Идризово во 2017 година и четвртиот Ром кој починал во македонските затвори во период од само 9 месеци.
-Повторно, околностите околу смртта на еден Ром се сомнителни и несигурни. Семејството на Беким добило телефонски повик од него на денот кога починал. Тој им кажал дека имал тешкотии при дишењето откако лекарот во затворот му дал две инјекции од кои се чувствувал парализирано. Го замолил своето семејство да дојде во затворот за да го спаси. Во седмиците пред неговата смрт, Беким му се пожалил на своето семејство дека чуварите и лекарите во затворот го малтретираат. Чуварите рутински го тепале и му се обраќале со етнички навреди, тврди неговото семејство кое ги видело белезите на неговиот грб. Исто така, тој се жалел на постојани болки во стомакот и нозете, за што лекарите одбивале да му дадат медицинска нега, и дури го малтретирале затоа што барал помош. Во еден случај, лекарот наводно му рекол на неговиот претпоставен „нека оди по ѓаволите, изнеси го, сите тука се болни, не ми е гајле дали ќе умре“, велат од Европскиот центар за права на Ромите.
Беким отслужувал 3-годишна казна затвор за кражба и немал сериозни здравствени проблеми пред да биде примен во КПУ Идризово, каде при посетите семејството забележало дека со текот на времето неговото здравје се влошува. Тој има две ќерки на 12 и 4-годишна возраст.