Градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи заедно со раководителот на Територијалната противпожарна единица Ука Алити попладнево одржаа прес -конференција во близина на запалената дива депонија на влезот во гардот.
Тие посочија дека огнот на неколкупати се појавувал денеска низ сметот, но оти сега со интервенција на тетовските и гостиварските пожарникари заедно со екипа и од ЈКП Тетово, тој е ставен под контрола. Арифи посочи дека веќе презеле и законски мерки и пријави против можни сторители за што веќе имаат определени податоци.
– Покренавме и кривични пријави за можните сторители на пожарот на претоварната станица до полицијата за што имаме одредени сознанија и очекувам надлежните органи да преземат мерки во оваа насока за нивно откривање, пронаоѓање и соодветно санкционирање, рече Арифи.
Раководителот на тетовските пожарникари Ука Алити изјави дека нешто по 8:30 часот добиле пријава дека има пожар на депонијата, по што веднаш интервенирале со едно противпожарно возило и го локализирале и целосно го изгаснале тој пожар. Но, додава, нешто помеѓу 13 и 14 часот добиле повеќе пријави од граѓани дека има поголем пожар на дивата депонија, но сега, вели, со многу поголем обем, а силниот ветер заедно со високите тепмератури придонеле пожарот да се прошири.
– Ние интервениреваме со целиот капацитет и кадровски и со моментално расположивата механизација и успеавме да го ставиме пожарот под контрола, бидејќи интервениравме од четири страни со 16 пожарникари заедно со екипата на ЈКП Тетово и две екипи од противпожарната единица од Гостивар. Приоритет ни беше да ги заштитиме по секоја цена објектите во близина. Ние ќе дежураме и вечерва и во текот на целата ноќ за да не дозволиме поворно разгорување на огнот на дивата депонија, изјави Алити.
Градоначалничката Арифи посочи дека проблемот со сметот во Тетово што тие како локална власт го наследиле е повеќедецениски, но и оти презеле повеќе мерки што треба долготрајно да го решат овој проблем.