Епископот Иринеј: Односите со МПЦ-ОА се братски

by Фокус

Епископот бачки Иринеј изјави дека односите на Српската Православна Црква со Македонската православна црква – Охрид, на која СПЦ неодамна и ја призна автокефалноста, се братски.

Владиката Иринеј во интервју за магазинот „Печат“ вели дека суштински, егзистенцијално и духовно тие биле, се и ќе бидат една Црква.

Тој оценува дека е лага забелешката дека СПЦ ги „предаде и продаде“ своите Немањички светилишта на југ и посочува дека Томосот за автокефалност јасно и гласно кажува дека „СПЦ ѝ го отстапува на користење своето историско наследство на новата автокефална црква“.

Додава дека самопрогласените критичари го занемаруваат фактот дека Српската православна црква немала пристап до нејзините јужни епархии од 1941 година до неодамна и дека денес сите српски архиереји, почнувајќи од патријархот, имаат пристап до секое светилиште во Северна Македонија и сите архиереји од Северна Македонија имаат пристап до сите српски свети места низ светот.

-Статусот на Црквата во Северна Македонија е канонски целосно и правилно регулиран. Исполнети се два главни услови: не помина тезата дека Српската православна црква мора едноставно да го признае пучот, односно самопрогласената автокефалност (1967), а од друга страна, таа на дело покажа дека нејзин приоритет е единството на Црквата и спасението на душите и совеста на околу два милиони верници, а не некакви парцијални интереси – истакнува Иринеј.

Поврзани новости