Епидемиологот, Горан Кузевски од Прилеп во отворено писмо сведочи за крајно неодговорно однесување на одредени сограѓани поради кои настрадала целата заедница во градот којшто е меѓу првите во земјава по бројот на заразени и починати.
-Ништо не беше крив дедо Божо во својата длабока старост да почине поради некој на кој му се пиело кафе со него. За жал во Прилеп ние се соочивме токму со таков проблем. Како епидемиолог сум сведок на крајно неодговорно однесување на одредени сограѓани кои ни направија и се уште прават доста проблеми да се справиме со ова криза. Тоа е тој прилепски табиет и инает абе ајде ова е обичен грип, не чипуваат , 5 Г итн,итн. Крајно е неодговорно да дојдиш на тестирање за корона вирус поради симптоми на истиот и од тука да продолжиш на работното место каде ги изложуваш на ризик своите колеги. Крајно е неодговорно кога си се тестирал, а јас како епидемиолог наредниот ден ти се јавувам да ти соопштам резултат, а во позадина слушам џагор и ми кажуваш дека имаш 8 луѓе гости на кафе. Крајно е неодговорно кога на сопствена рака земате лекарства и се лекувате цела фамилија и по 10 дена барате здравствена помош, а во меѓувреме контактирате и изложувате на ризик еден куп луѓе. Крајно е неодговорно кога криете контакти, а со истото тоа им правите поголема штета наместо благовремено да ги заштитиме, пишува Кузевски за прилепскиот портал Инфокомпас.
Тој вели дека здравствените власти не успеале да изградат авторитет и доверба.
-Сега сме во трета фаза на епидемијата кога веќе се олабавуваат рестриктивните мерки. По мое мислење најтешката фаза за нас прилепчани бидеќи ние при карантини и забрани не успеавме, а не пак со протоколи и препораки. Светски познатата стратегија за справување со корона пандемијата The Hammer and The Dance ( чеканот и танцот) во која чеканот е симбол на сите рестриктивни мерки и карантинот, а танцот танцот ни е директно поврзан со базичниот репродукциски број кој засега кај нас е под 1 (означува дека едно инфицирано лице може да зарази т.е да го пренесе вирусот на помалку од 1 друго осетливо лице.) овај процент на пренос можиме да го одржиме само со почитување на сите протоколи и мерки. На прилепски сето ова би значело дека со чеканот мавнавме чипо, а со танцот засега танцуваме танго, но вие граѓаните сте музиката, се се плашам дека има можност да засвирите побрз ритам наместо да го завршиме танцот и да се поздравиме со аплауз, предупредува епидемиологот.
Според статистиката која ја објави епидемиологот, во Прилеп има вкупен број на регистрирани случаи на ковид 19 е 197, од нив 120 се оздравени.
-12 се починати – 9 од машки пол, три од женски пол, што значи дека мажите за 3 пати повеќе умирале во однос на жените. Најмладиот починат е на 55 години највозрасниот на 88 годишна возраст, а додека 65 се активни случаи. Во однос на возраста најмладиот инфициран е на 1 годишна возраст, а нај возрасниот на 93 години, во односот на полот 101 се од женски пол, а 96 од машки пол. Инциденцата ( број на новоинфицирани, новозаразени лица на одредена територија спрема бројот на население на истата територија) за Прилеп изнесува 206,7 на 100.000 жители кое е за 2,5 пати повисоко од инциденцата на ниво на цела држава а по број на активни случаи на 100.000 население сме на прво место. Во однос на леталитетот горе долу сме на ниво на републичкиот просек. Но, ако сакаме да се споредуваме со поединечни градови, а пред се тука ни се првите соседи Битолчани од нив сме се инфицирале за 8 пати повеќе од Кавадарчани за 18 пати повеќе од Тетовчани и Штипјани 3 пати повеќе од Скопјани за 2 пати повеќе е засега само Кумановчани се пред нас, пишува епидемиологот.