Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук го поздрави изготвувањето на нацрт преговарачката рамка од страна на Европската Комисија и ги повика земјите членки да ја одржат првата Меѓувладина конференција до крајот на оваа година, јави дописничката на МИА од Брисел.
Европската комисија вчера ги предаде предлог рамките до земјите членки на ЕУ, кои треба во наредните месеци да ја усвојат на министерско ниво. Според нацрт агендата на германското претседателство тоа би се случило на 10 ноември.
На повикот на Ќучук се придружи и известувачката за Албанија, Исабел Сантос.
-Го поздравуваме овој нов клучен чекор во процесот на проширување – презентирањето на преговарачките рамки, кои, откако ќе се финализираат, ќе ги водат пристапните преговори за Албанија и Северна Македонија. Ги повикуваме земјите членки да ги усвојат текстовите на рамките без одлагање, за да се овозможи одржување на првата Меѓувладина конференција со секоја од земјите до крајот на оваа година, повикаа известувачите.
Првата Меѓувладина конференција го означува отворањето на првиот кластер на поглавја, посветени на владеењето на правото и правдата.
Ќучук и Сантос истакнуваат дека одржување на првата Меѓувладина конференција без одлагање ќе значи јасно признавање од страна на ЕУ за испорачувањето на реформите во двете земји и ќе ги поттикне целосно да му се посветат на преточувањето на целото ЕУ законодавство во националните законски рамки.
-Се надеваме дека владите во Албанија и Северна Македонија ќе изградат широк национален консензус за усвојувањето на сите потребни патокази и мерки, порачаа известувачите и ја повикаа Европската Комисија да продолжи да им ја пружа потребната поддршка на двете земји во овој поглед.