Обвинет за „27 април“: Ми рекоа дека вратите на Собранието ќе бидат отворени, снимките избришани, а внатре ќе не штитат од ДБК

by fokus

Влатко Трајковски, еден од обвинетите за „27 април“, давајќи ја својата одбрана пред судот во детали раскажа како се подготвувал упадот во Собранието.

Појасни дека по изборите во 2016 година биле повикани на партиски состанок за протестите кои требало да се оддржат пред ДИК.

-Ни беше кажано дека сме ги изгубиле изборите бидејќи нашите не предале. Беше наредено, буквално секој да излезе на протестот пред ДИК. Им велеа доколку не излезат комуњарите ќе дошле на власт и ќе ги бркале од работа. Психички им го переа мозокот, појасни Трајковски.

По состанокот му рекле тој да остане, бидејќи имало насоки што да се прави.

-Планот беше да се обезбедат спремни луѓе кои во даден момент ќе треба да дејствуваат по одредени насоки. Тогаш прашав, „да не зарати пак?“, по што ми одговори „на тоа оди!”, рече Трајковски, кој самиот истакна дека прекар му е Луди.

Тој појасни дека на 11 декември 2016 година им рекле да се мобилизираат за да одат пред ДИК. Го посоветувале да си обезбеди пет лица кои ќе му го чуваат грбот и кои ќе молчат како риби.

-Буквално бев на секој протест. Не си одев дома, туку спиев во автомобил на паркинг. Само татко ми знаеше кај сум, рече Трајковски.

По тие протести дојде и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој имаше излагање дека сега е времето да се покаже која е силата на ВМРО.

Потоа следувале и протестите против „Тиранската платформа“, организирани од „Заедничка Македонија“.

-Имаше партиска наредба на протестите да одат сите членови. Единствено оправдување можеше да биде болст или смрт. Тие што ќе дојдеа на протест се потпишуваа на список лично, и мораше да се остане до крај. И јас одев бидејќи бев патриот и член на ВМРО-ДПМНЕ. Инаку се правеше слика дека партијата не стои зад протестите, појасни обвинетиот.

Тој ја изгубил работата поради протестите, а потоа кога нашол нова работа велеше дека не одел толку редовно.

-На протестите го гледав обезбедувањето на Мијалков, но и многу началници и инспектори од МВР.

Потоа обвинетиот премина на ноќта пред 27 април. Како што раскажа бил повикан на средба во кафеана за да разговорот не остави некаква трага. Таму го чекале тројца познаници кои му рекле дека утредента може да се влегува во Собранието.

-Тогаш прашав, кого треба да утепувам?, рече Трајковски.

Му одговориле дека тој нема никој да „утепува“ туку ќе биде задолжен да се грижи за пратениците и за Трајко Вељаноски. Откако реагирал дека  е кривично дело да се упаѓа во таква институција, го смириле дека вратите ќе бидат отворени, снимките во Собранието ќе бидат избришани, а внатре ќе ги штителе луѓе од УБК.

Иако не планирал како што рече, сепак критичната вечер, отишол на протестот. Со некои познаници најпрвин отишол во кафулето Дион.

-Ми кажаа дека во Собрание се пее албанската химна. Тогаш ми текна дека се поклопува сценариото, односно однапред смислен план да се влезе внатре. Еден чичко со знаме во рацете ми рече дека оди во Собрание, со зборовите „ти седи тука со скрстени раце, а кучињата ја пеат албанската химна”. Тогаш и познаникот ми кажа дека ќе се влегува во Собрание, рече обвинетиот.

Тогаш Трајковски се упатил кон Собранието. Иако му дале фантомка, сепак ја ставил во џеб, и како што рече влегол со десна нога и се прекрстил.

-Меѓу народот го видов и сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Внатре беше многу жешко, немаше воздух, рече Трајковски.

 

 

Поврзани новости